Живот
22. јуни 2020 - 9:43

„Огнен прстен“ над Африка и Азија

Луѓето во Африка и Јужна и Југоисточна Азија вчера имаа можност да видат делумно затемнување на Сонцето. Тоа беше оној познат „огнен прстен”, кога Месечината покрива голем дел од внатрешноста на Сончевиот диск, но не и целиот круг.

Овој астрономски феномен се случува еднаш до двапати годишно. Годинава тој беше видлив во средишната област на Африка – ДР Конго, Јужен Судан, Етиопија, по што се насочи кон Азија, ги мина Индија и Кина и натаму заврши над Тихиот Океан.

При оваа појава, Месечината минува меѓу Сонцето и Земјата во совршена линија, на растојание такво што нашиот природен сателит го покрива Сонцето, но не потполно како при целосното затемнување, туку само средишниот дел од дискот. Затоа и се нарекува „огнен прстен”.

Земјата, Месечината и Сонцето беа во совршена линија цели 38 секунди. Следната ваква можност, Земјаните ќе ја имаат за 14 години, според директорот на Астрономското друштво во Дубаи, Хасан ал Харири.

Тој рече дека корона-пандемијата ги спречи групните собири за следење на оваа ретка појава, но имаше и преноси во живо на миговите кога Месечината минуваше меѓу нашата планета и Сонцето.

Ниту облачното небо не ги спречи астрономите аматери во Индија, каде што затемнувањето беше видливо над Њу Делхи.