Бизнис
20. October 2021 - 19:38

ОЕЦД препорачува зголемување на старосната граница за пензионирање

Да се одложи пензионирањето. ОЕЦД препорачува земјите да ја разгледаат опцијата за пролонгирање на одењето во пензија. Како причина се наведува растечкиот јавен долг во сите земји заради пандемијата. Во препораката стои дека за да се консолидираат финансиите државите треба да ги реформираат политиките за вработување и да ја зголемат старосната граница за пензионирање.

Во земјава, во овој правец воопшто не се размислува. Напротив, власта прави анализа за кратење на работниот век. Анализата разработува две сценарија предвремено пензионирање со помала пензија или предвремено пензионирање со докуп на стаж, или симбиоа од двете решенија.

Од Владата велат дека во анализата нема да ги следат само социо – економските показатели туку и демографските.

„Ова е важно ако се има предвид фактот дека со животен век на населението од околу 75 години, нашите пензионери ја искористуваат нивната пензија само 11 години (тоа важи за мажите, а жените нешто подолго, 13 години поради можноста даго остварат правото на пензионирање на 62 години). Токму затоа, сакајќи да го подобри третото доба на највозрасните, Владата предвидува опција дури и за остварување на правото за пензионирање пред 64 односно 62 години - до 5 години порано, со предвидено пропорционално намалување на износот на пензијата. Со тоа на оваа категорија граѓани ќе им се овозможи поквалитетно трето доба и подолги пензионерски денови“, стои во одговорот од Владата.

Една од придобивките од ваквото решение, според власта, би било останување на младите и отворање нови работни места. Простор за ова има затоа што реформите на пенизонскиот систем ја постигнаа целта и ПИОМ е стабилен.

Предвременото пензионирање е дел од програмата на владата за маднатот 2020 2024, од ССМ лани почнале со преговори на темата, но во моментов не се вклучени во анализата.