Одобрени најавените 35 милијарди евра макрофинансиска помош од ЕУ за Украина
Советот на ЕУ го усвои пакетот за финансиска поддршка на Украина, кој вклучува вонреден заем за макрофинансиска помош до 35 милијарди евра и Механизам за соработка за позајмици, што треба да и помогне на земјата во отплата на позајмиците во износ од 45 милијарди евра обезбедени од Унијата и нејзините партнери од Г7.
Одобрувањето од страна на Советот следи откако во вторникот пакетот за помош со големо мнозинство го поддржа и Европскиот парламент. Сега преостанува уште одлуката на Советот да биде објавена во Службениот весник на ЕУ, по што веќе следниот ден Регулативата за финансиска поддршка на Украина ќе стапи во сила.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, пакетот за финансиска помош има за цел да ја поддржи Украина во покривањето на нејзините итни финансиски потреби, кои се зголемени поради руската агресија. Овие средства ќе придонесат за покривање на финансискиот дефицит на Украина, ќе овозможат макрофинансиската стабилност и ќе ги намалат надворешните финансиски ограничувања за земјата.
Вонредниот заем за макрофинансиска помош и билатералните позајмици од партнерите на ЕУ од Г7 одобрени во рамки на иницијативата „Заеми за вонредно зголемување на приходите на Украина“, ќе бидат отплаќани со приходите од профитите на замрзнатите руски средства во Унијата.
Исплатата на средствата преку украинскиот Механизам за соработка за позајмици, како и евентуалните суми добиени како доброволни придонеси од членките на ЕУ, трети земји или други извори, ќе се врши во форма на финансиска поддршка за Украина намената за помош на земјата во сервисирањето и отплатата на сите заеми добиени од Г7.
Заемот за макрофинансиска помош до 35 милијарди евра претставува придонес на ЕУ во рамки на договорената помош од страна на Г7 за поддршка на Украина со позајмици во износ од 45 милијарди евра. Исплатата на овие средства ќе зависи од почитувањето на договорените услови за функционирање на демократските институции и спроведувањето на реформите од страна на Украина. Дополнително, со Регулативата се предвидени и специфични одредби за спречување на измами и други неправилности во користењето на средствата од заемот.
Заемот, кој ќе и биде исплаќан од Буџетот на ЕУ, се очекува да и биде достапен на Украина пред крајот на 2024 година и да биде со максимално времетраење од 45 години.
Предвидено е 95 отсто од средствата за финансиска поддршка за Украина да бидат обезбедени од профитите од замрзнатите руски средства во ЕУ, кои ќе бидат префрлени во Буџетот на Унијата, а останатите пет проценти ќе бидат издвоени од Европскиот мировен фонд.
Регулативата за заем за вонредна макрофинансиска помош и за Механизмот за соработка за позајмици за Украина беше претставена од страна на Еврокомисијата на 19 минатиот месец, кога беше објавен и предлогот со кои се предвидува ЕУ да има право да ги користи приходите од замрзнатите руски средства за надомест на штетите предизвикана од агресијата на Русија врз Украина.
Предлагањето на оваа Регулатива уследи откако лидерите на Г7 на Самитот во јуни годинава се договорија за исплата на заеми за „вонредно зголемување на приходите“ за Украина, во износ од 50 милијарди американски долари (45 милијарди евра), кои ќе бидат сервисирани и отплаќани од идните вонредни приходи од замрзнатите руски суверени средства. По ова, на 27 јуни лидерите на ЕУ ја повикаа Комисијата да изработи финансиски пакет за реализација на одлуката на Г7.
Средствата од приходите од замрзнатата руска актива во ЕУ досега беа пренасочувани кон Украина преку Европскиот мировен фонд за поддршка на воените капацитети на земјата, а во помал дел и преку Украинскиот механизам за поддршка на обновата и модернизацијата на државата. Првата рата од овие средства, во износ од 1,5 милијарди евра, ЕУ и ја стави на располагање на Украина на 26 јули годинава.
Ново на Сител
-
Светска банка предлага зголемување на ДДВ од 18 на 19 проценти
-
18-годишник се здобил со тешки повреди откако со возило излетал од патот кај Гостивар
-
Фатен бегалец од затвор
-
ЈОРСМ: Преземени сите списи во врска со постапките за утврдување одговорност на судии кои постапувале во „Таргет-Тврдина“
-
ССМ: До крајот на годината работодавачите да исплатат К-15, право загарантирано со ОКД
-
Судски совет: Нема наредба за претрес, соработуваме со ОЈО Скопје
-
Мицкоски: Борбата со криминалот подолжува, се работи на десетици случаи
-
Над 900 производи во „Новогодишната кошница“