Македонија
21. November 2018 - 16:04

Одбраната ќе поднесе жалба за притворот на Мијалков

Сумата од 11 милиони евра на луѓе блиски до Мијалков и неговиот имот во Чешка се наведени како причини за одредување на мерката 30-ет дневен притвор за екс директорот на УБК..

Управата за финансиско разузнавање вчера утврдила дека една фирма и физичко лице поседуваат 11 милиони евра, кои иако биле на друго име, управата констатирала дека се сопственост на Мијалков..

Сево ова, за специјалното јавно обвинителство ја зголемила опасноста од бегство па затоа е побаран притворот, се наведува во решението на судот.. Одбраната најави жалба на ваквата одлука..

Мерката притвор за Мијалков е побарана за предметот „Тврдина-Таргет“. И покрај ова, тој денеска не присуствуваше.. Судијата Џенета Бегтовиќ информираше дека Мијалков во затворот Шутка влегол синоќа пред 20 часот па поради краткото време, судот не бил во можност да побара обвинетиот да биде спроведен на денешното судење..

Претходно, судот објави дека на предлог од СЈО е донесена одлуката за 30-ет дневен притвор за Мијалков.

Судијата кој постапува по предметот по ценење на фактите и доказите опфатени со предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот и определи мерка притвор во траење од 30 дена.

Мијалков е обвинет во четири предмети на специјалното обвинителство.. Од неодамна, неговото име е дел и од случајот „Империја“ во кој е осомничен за злосторничко здружување.