Македонија
31. March 2017 - 8:28

Одбележување на денот на Првата механизирана пешадиска бригада

Во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец денеска со воена свеченост ќе биде одбележан денот на Првата механизирана пешадиска бригада.

- Таа е најголема борбена единица во чии редови се наоѓаат припадници на АРМ од повеќе родови. Препознатлива е по досегашните борбени искуства и учество во мировните мисии во Авганистан и Ирак, реализираните вежбовни активности и високите резултати од оценувањата, но и несебичната помош која припадниците на оваа единица им ја даваат на граѓаните на Република Македонија, секогаш кога тоа е потребно, соопшти Армијата на Република Македонија.

Поранешни команданти на првата и втората механизирана пешадиска бригада и генерали во пензија на воената свеченост во касарната ќе ги запознаат присутните со значајните историски моменти од постоењето на бригадата. 

- Денот на единицата ќе се одбележи со соодветна програма согласно правилото за воен протокол со прогласување најдобра единица од составот на бригадата, свечено дефиле на единиците, како и тактичко-технички збор на кој посетителите ќе имаат можност да видат дел од орудијата, оружјето и опремата со кои располага бригадата, наведува АРМ.

Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување денови на единиците на АРМ, за Ден на Првата механизирана пешадиска бригада е одреден 2 април - датум на кој оваа единица е трансформирана согласно со новата организациско-формациска структура на АРМ.