Македонија
19. January 2023 - 16:39

Одбележување на Богојавление – Водици во Скопје

Трета среќа за Кристијан Ниневски од Козле. 29 годишниот скопјанец на централната манифестација за Водици најбрзо исплива до светиот крст. Точно на пладне, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г Стефан го спушти крстот во водите на Вардар, а Ниневски ја имаше најголемата среќа од 130-те пријавени кои скокнаа од кејот. Доби подароци од МПЦ, градот Скопје и повеќемина спонзори кои му посакаа добро здравје и многу успеси.

Чествувањето почна од храмот „Рождество на пресвета Богородица“ каде со божествената литургија чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ. Потоа, со црковна поворка крстот беше донесен до мостот „Слобода“ од каде архиепископот порача дека на Богојавление се слави јавувањето на Бога пред човечкиот род.

На манифестацијата дојдоа илјадници граѓани, како од Скопје, така и од другите градови. Присутно беше и засилено полициско обезбедување, но и тимови на црвениот крст и спасувачи за евентуални немили случувања кои изостанаа и годинава.