Македонија
29. October 2015 - 13:44

Одбележани 70 години од основањето на Врховниот суд на РМ

Седумте децении на Врховниот суд се доволен период за негово целосно општествено афирмирање, за потврда на неговиот придонес во заштитата на човековите слободи и права преку кои непосредно доаѓаат до израз еднаквите и неотуѓиви права на сите граѓани како општо прифатени меѓународни и национални идеи и стандарди.

Ова го истакна денеска претседателката на Врховниот суд Лидија Неделковска на одбележувањето на 70-годишнината од основањето на овој суд. 

Неделковска рече дека во ова време на предизвици и турбуленции, на критики упатувани од сите страни и создавање на негативна енергија во општеството, за нив претставува предизвик да ги оспорат паушалните и неосновани критики искажани за судството.  

- Ние не велиме дека во судството нема низа негативности, слабости и аномалии, но на сето тоа критички се осврнуваме, преземаме мерки за нивно надминување и исправување. Меѓутоа тоа се чини коректно, одмерено, дискретно, без јавен линч и негативна кампања со имиџ на инкриминирани настани како што тоа го милуваат напаѓачите на судството, туку преку битката добиена во институциите на државата, рече претседателката на Врховниот суд.

Затоа, посочи Неделковска, „бараме поддршка од јавното мнение за запирање на јавната хајка против македонското судство кое се претставува со искривена слика во јавноста, има свои слабости и пропусти, но сепак не треба да заборавиме дека е столб на државната конструкција“.

- Затоа да не се даваат паушални критики, клевети, да не го уриваме судскиот систем, ова е апел истиот да го надградуваме со идеи, со добра мисла, да го оспособиме за ефикасно функционирање, на праведно и независно на закон засновано пресудување. Истото да го градиме креативно, стручно, професионално и одговорно, не со паушални неодмерени, крајно декструктивни критики и вознемирувања, да го рушиме државотворното ткиво што е крајно штетно и опасно за државата, граѓаните и идентитетот на Република Македонија, смета Неделковска. 

Судството, како што кажа, предводено од Врховниот суд достоинствено ќе издржи кон главната цел и идеал за самостојно и независно судство и во вакви кризни услови и времиња. Принципот на независно судство, посочи Недечковска, е најважниот принцип за да може еден правен поредок да се оцени како поредок на владеење на правото.

- Сите настојувања во крајна линија треба да бидат во насока да обезбедат, независно, самостојно, непристрасно, ефикасно и праведно судство, кое е услов за вклучување на Република Македонија во Европската унија, истакна Неделковска.

И покрај констатирањето дека Македонија постигнува извесен напредок во ефикасноста на судските постапки во Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија и пофалбите за намалување на заостанатите судски предмети и ажурност, според претседателката на Врховниот суд, не смее да се заборави на квалитетот на судските одлуки и на квалитетот на примената на новите закони кои во изминатиот период се усогласени со европското законодавство како услов за интеграција на земјата во ЕУ. 

- Врховниот суд по инерција на овие нови процеси е поставен во една активистичка позиција. Како односите помеѓу европското и националното позитивно право добиваат своја изразита европска димензија и улогата на Врховниот суд во своето одлучување, неминовно останува ориентиран на релацијата на овие односи помеѓу позитивното национално право и европското право, рече Неделковска.

Во тој контекст ја најави и денешната Регионалната конференција „Судската пракса на Врховниот суд и Европскиот суд за човекови права како неопходен услов за обезбедување на правната сигурност на граѓаните“. 

- Врховниот суд како последен инстанционен суд, мора да претставува брана за спречување на незаконитоста и постапувањето на другите државни органи, да продолжи да биде институција, да претставува храм во кој се верува, кога во него се оди, рече, меѓу другото, Неделковска. 

Република Македонија, како што истакна во својот говор претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, денеска кога се одбележува 70 години од воспоставувањето на судската власт, има уставно и законски поставена судска власт, а на врвот се наоѓа Врховниот суд кој е организиран и работи според принципите и стандардите кои владеат во демократска Европа.

Во овој, како што кажа турбулентен период, се случува организирано создавање на недоверба во сите институции, а посебно во однос на судската власт чиј носечки дел е Врховниот суд. Вељаноски потенцираше дека критика која се темели врз аргументи па дури понекогаш и на субјективно мислење, односно перцепција е потребна и треба да се прифаќа отворено и како поттик за натамошен развој и поголем квалитет во работењето.

- Меѓутоа, рушењето на довербата во институциите, а посебно во судската власт, како што беше онаа несреќна изјава на партиски лидер дека не го признава судот, претставува свесно рушење на столбовите на демократска Македонија, истакна претседателот на Парламентот. Последното, додаде тој, е дотолку поважно што, таквиот однос кон судската власт не е во корист ниту на оние кои ја создаваат ваквата антидемократска атмосфера.

Од друга страна, вели тој, судската власт мора да работи максимално транспарентно во корист на граѓаните, а не во корист на некои парцијални интереси зад кои стојат тесни кругови.

Вељаноски потенцираше дека сите носители на функции во законодавната, извршната и во судската власт имаат одговорност за потезите што ги влечат, но оти еднаква е одговорноста и на останатите сегменти на општеството како опозицијата, граѓанскиот сектор, медиумите,...

Јубилејот 70-години од основањето на Врховниот суд со пригодни говори го честитаа и министерот за правда Аднан Јашари и амбасадорката на ОБСЕ Нина Соумалаинен, а почесни гости на Свечената академија беа и претседателите на највисоките судови на Албанија, Косово, БиХ, Србија и Црна Гора.

Врховниот суд на Република Македонија сега има 25 судии, а неговата организација и надлежност е уредена со Законот за судовите, Судскиот деловник и Деловникот за работа, согласно кои се основани четири судски оддели: Оддел за казниви дела, Оддел за граѓански дела, Оддел за судење во разумен рок и Оддел за судска пракса. Траењето на постапките, од некогашните три години, е намалено, и предметите по вонредните правни лекови се завршуваат во тековната или наредната година.