Македонија
4. March 2018 - 16:32

Одбележана годишнината од Февруарскиот поход во Прилеп

Со традиционален планинарски марш, кој се одржува веќе со децении, денеска во Прилеп беа одбележани 74 години од еден од најзначајните настани за време на НОБ - Февруарскиот поход. Целта на походот била да го развие востанието и да се продолжи кон конечно ослободување на државата и создавање сопствена македонска држава.

„Главната порака е да продолжат по нашиот пат младите, ние кои сме биле борци сме создале држава, сме основале држава, а останува на младите да тие настават да ја чуваат државата и да работат во напредок на сите полиња од животот. Значи да се чува тоа што е стекнато и да се продолжат традициите на НОБ“, вели Никола Стојаноски, претседател на главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија.

„Февруарскиот поход покажа една голема издржливост, голем патриотизам кај сите млади патриоти, партизани, кои не го жалеа својот живот и кој го положија во тој поход“, истакна Круме Соколоски, претседател на сојузот на борци на Прилеп.

На маршот учествуваа над 200 планинари од повеќе градови на Македонија кои поминаа 18 км. завршувајќи во манастирот Свети Димитрија во с. Селце.

„Важно е тоа што особено младите генерации се запознаат со традициите на НОВ и да ги запознаеме со Богомилската епопеја каде што нашите предви ги дадоа своите животи за слобода на Македонија“, истакна Славе Кромидоски, организатор на маршот.Градоначалникот на Прилеп истакна дека наредната годиина општината ќе биде генерален спонзор на манифестацијата.

„Организацијата денес покажа како треба да се грижи за Татковината како треба да се создаваат услови за младите да знаат што понатаму да прават како во општеството така и во својата професија“,изјави градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

Настанот заврши со посебна пригода и традиционално планинарско гравче за учесниците.