Македонија
21. April 2016 - 14:50

Одбележан Светскиот ден на книгата

Во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“  денеска беа одбележани 1100 години од упокојувањето на Св.Климент Охридски и 400 години од смртта на Мигел Сервантес и Вилијам Шекспир, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право - 23 Април.

Директорот на Библиотеката Иван К. Заров  пред присутните порача дека чествувајќи ја книгата се чествува колективната историска меморија на човештвото.

- Од библиски времиња наваму книгата е фундаментот врз кој се осмислува милениумската трансмисија на културите. Таа е инструментот кој ја насочува и поттикнува потрагата по апсолутната вистина и знаење, истакна Заров.

За Св. Климен Охридски, Заров рече дека тој е личност која со силата на сопствениот творечки гениј  ги пренесува, синтетизира и издигнува на повисоко ниво идеите на византиската цивилизација на старословенски јазик, воведувајќи го словенскиот род во семејството на цивилизирани европски народи.

По повод чествувањето на 400 години од смртта на Сервантес и Шекспир, амбасадорот на Шпанија во Македонија Рамон Абароа Каранса истакна дека најголемото признание за двајцата писатели е фактот што луѓето во целиот свет ги користат фрагментите од нивните дела во секојдневниот живот.

Според амбасадорот на Велика Британија во Македонија Чарлс Гарет, Шекспир е извонредно средство за културно поврзување и придвижување и дека тој е најголемата икона на обединетото кралство. Шекспир, рече Гарет, им припаѓа на сите култури и е преведен на повеќе од 100 јазика.

- Она што е импресивно што Шекспир го творел пред 400 години, е нешто што е сосема прифатливо и применливо до ден денес, нагласи Гарет. 

Во овој денешен свет и време на судири и отсуство на нечовештво, според Гарет, Шекспир може да укаже дека треба да се вратиме на трагата на човештвото и хуманоста.

По повод светскиот ден на книгата, македонската порака ја прочита Љубиша Георгиевски во која порача дека за да стане судбина, историјата мора да се легитимира минувајќи низ книжевноста и обратно, за да се легитимира книжевноста, мора да се мине низ историјата.

- Во тој процес обата феномени и историјата и книгата не се испуштаат од дијалектичкиот преграб што го конституира светот. Книгата во историјата, насила или добродојдена, ги пишува своите трагикомедии со надеж дека еден ден ќе си даде одговор на разорното прашање, чуму светот и згора на тоа цинизмот, чуму книгата, рече Георгиевски.

Генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова истакнува дека книгата е врската меѓу минатото и иднината.

- Таа е мостот меѓу генерациите и културите. Таа е посредник меѓу создавањето и споделувањето на мудроста и знаењето, потенцира Бокова во пораката.

Книгите, вели таа, овозможуваат соединување на човештвото во една фамилија, која споделува едно минато, историја и културно богатство, за да се создаде заедничка иднина каде што секој глас ќе биде слушнат.

„Служба за Свети Климент Охридски“ пред присутните изведе Љупчо Тодоровски-Упа, а извадоци од делата на Шекспир и Сервантес читаа студентите од Катедрата за англиски јазик и книжевност и Групата за шпански јазик и книжевност (Катедра за романска филологија) на Филолошки факултет „Блаже Конески“ - Скопје.

Во Центарот за конференции и студии во НУБ предавање на тема „Политиката и владеењето во животот и делото на Мигуел Сервантес“ одржа д-р Карлос Флорес Хубериас, професор по компаративно право на Универзитетот во Валенсија и почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Беше прикажан и анимираниот филм „Donkey Xote“, а во музичкиот дел од чествувањето настапија студентите по гитара и соло-пеење од Факултетот за музичка уметност

Како и во минатите години, НУБ по повод Светскиот ден на книгата и авторското право подари книга и роза, според каталонскиот обичај.