Македонија
6. May 2017 - 15:11

Одбележан патронот на манастирот „Св.Георгиј Победоносец“ во Рајчица

Во присуство на голем број верници од повеќе градови од државава, некогашни жители на селото и нивни потомци, е одбележан празникот Свети Великомаченик Георгиј, патрон на манастирот „Св.Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица.

Одбележувањето почна синоќа со вечерна богослужба и продолжи и денеска со утрена богослужба, а потоа и со света архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј.

На одбележувањето на патронот по традиција присуствуваа голем број верници од Битола, Скопје, Гостивар, Тетово, Кичево, Струмица, но и дебрани. Тука беа и поранешни жители на селото и нивни потомци.

Меѓу големиот број верници имаше и Македонци од Солун кои на македонски јазик го изразија задоволството што денеска се во манастирот.

Манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“, е женски манастир. Се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век, како метох на Бигорскиот манастир. Сепак точната година на изградба на манастирскиот конак е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.

Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Даниил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче. Во манастирот се чуват делови од моштите на свети великомаченик Георгиј Победоносец.