Македонија
11. July 2021 - 19:58

Од утре вакцина и без закажан термин, ќе се боцкаат и деца

Од утре вакцинација против Ковид без закажување. Заинтересираните граѓани треба да имаат само документ за лична идентификација и ќе можат да примат прва доза само во пунктовите во здравствените домови и болниците низ државата. Процесот за ревакцинација ќе се спроведува во спортските сали наредните 3 недели.

Во Скопје без закажан термин ќе се боцка во Поликлиниките Букурешт, Јане Сандански и Чаир од 7.30 до 19.30 часот, а почнува со работа и нов вакцинален пункт во Шуто Оризари кој ќе биде отворен само прва смена. Граѓаните немаат право на избор, и ќе бидат боцкани со вакцина која ја има во моментот во установата. Во опција се Синовак, Фајзер и Астра Зенека за лицата над 60 годишна возраст. Со колку вакцини во моментот располага државата од здравство не добивме конкретен одговор.

-Вакцини во државата има доволно, дополнително секој понеделник стигнува нова пратка вакцини што ги купивме од производителот Фајзер. Вакцини ќе пристигнуваат купени и преку Ковакс механизмот.  Министерството за здравство ќе ја информира јавноста кога ќе добие точен датум за пристигнување на вакцини Спутник В, стои во одговорот од министерството.

Утре стартува и доброволната имунизацијата на деца над 12 години со Фајзер како и теренската имунизација.

- Процесот  за теренска вакцинација  е организиран, здравствените домови од секој град,  во соработка со локалната самоуправа, месните заедници со помош на локални медиуми, плакати, ги информираат граѓаните за денот и часот , во кое село, населба, рурално населено место ќе се врши вакцинација, соопштија од МЗ.

Досега во државата комплетно вакцинирани против Ковид се околу 250.000 граѓани.