Македонија
25. August 2020 - 14:02

Oд утре почнува исплатата на августовските пензии

Oд утре почнува исплатата на августовските пензии. Министерството за труд и социјална политика информира дека пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од Ковид-19.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките, за пензионерите кои не користат картички, ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:

Во среда, 26 август, исплата на пензии со висина до 11.000 денари;
Во четврток, 27 август, исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
Во понеделник, 31 август, исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
Во вторник, 01 септември, исплата на пензии во висина над 18.000 денари.

-Пензионерите кои користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од среда, 26 август. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања, велат од МТСП.

За пензионерите кои досега ја добиваа пензијата преку Еуростандард банка АД и кои сѐ уште не отвориле трансакциска сметка во друга банка преку која ќе продолжат да ја примаат пензијата, ќе следат дополнителни исплати на августовските пензии на 7, 14 и 25 септември 2020 година.

Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, а пензискиот систем е стабилен.

-Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се избегне метежот пред банките и да се намалат можностите за загрозување на личното и јавното здравје. Потсетуваме на обврската за носење лична заштитна опрема којашто ги покрива пределот на носот и устата како и на држење растојание при чекање ред пред и внатре во банките, велат од МТСП.