Свет
27. March 2016 - 10:55

Од судбината не се бега: Го преживеал нападот на аеродромот, загинал во метрото во Брисел

Меѓу жртвите на нападите на аеродромот и метрото во Брисел има луѓе кои оделе на работа, но и туристи, кои заминувале на одмор. 

Обвинителот на Брисел Ине ван Вимерс изјави дека 24 од вкупно 31 загинато лице се идентификувани досега и додаде дека 11 од нив се странци. 

Меѓу загинатите е поранешниот амбасадот на Белгија во САД, Андре Адам. Седумдесет и девет годишниот дипломат загинал, обидувајќи се да ја заштити сопругата за време на нападот на бриселкиот аеродром. 

Американец од сојузната држава Тенеси, кој беше прогласен за исчезнат, исто така беше идентификуван, како една од жртвите на нападот во аеродромот. Триесет годишниот Џасатин Шалтс и неговата сопруга Стефани последен пат се видени во вторникот, кога ја однеле мајката на Стефани на аеродромот. Сопругата се уште не е пронајдена.

Италијанското Министерство за надворешни работи потврди дека 48-годишната Италијанка Патрициа Риѕо е една од загинатите во нападот на метростаницата Малбек. 

Британецот Дејвид Диксон (53) им пишал порака на членовите на неговото семејство дека е неповреден кога двете бомби експлодираа на аеродромот. Тој сепак загинал малку подоцна во нападот на метрото.

Брат и сестра од Холандија, кои живееле во Њујорк, исто така се меѓу жртвите. Тие патувале за САД.

Аделма Талиа Руис, која потекнува од Перу, а живеела во Белгија веќе девет години е меѓу загинатите. Триесет и седум годишната жена патувала за Њујорк на средба со двете сестри, кои живеат во САД.

Кинеската Амбасада во Белгија соопшти дека кинески државјанин исто така загинал во нападите.

Од 270 ранети 93 се лекуваат во бриселската воена болница. Лекар од болницата изјави дека 15 од ранетите се со тешки изгореници, а петмина се на интензивна нега.