Бизнис
1. August 2015 - 16:18

Од идната недела пониски казни

Од идната недела казните за фирмите драстично се намалуваат. Стапуваат на сила измените на дваесетина закони кои се усогласени со новиот Законот за прекршоци, а врз основа на кои најчесто беа изрекувани казните за стопанските субјекти.

Со новите закони казните се одмеруваат врз основа на економската моќ на субјектите и намалувањето ќе изнесува два до три пати за големите, а пет до седум пати за малите и средни претпријатија.

Казните ќе се изрекуваат врз основа на три критериуми. Големината на фирмата, бројот на вработени и претходното поведение на компанијата.

Одмерувањето на казните ќе изгледа вака.

За ангажирање не пријавен работник – казната досега изнесуваше 7000 евра сега за мала фирма со 9 работници, приход до 500.000 денари која претходно не била казнувана казната ќе изнесува 1050 евра. За фирма со ист број работници и приходи до милион денари казната се намалува на 1750 евра. За средна фирма со максимум 50 работници и приход до 6 милиони денари казната се намалува на 3500 евра.

За неиздавање фискална сметка дпсега казната изнесуваше за сите фирми 5000 евра. Сега за најмалите ќе изнесува 500 евра. За фирмите со 9 работници и приход до милион денари ќе изнесува 1250 евра, за фирма со ист број работници и приход до 6 милиони денари казната се намалува на 2250 евра.

Намалувањето на казните беше предизборно ветување на Владата и едно од главните барања на бизнис заедницата во земјава.