Бизнис
23. September 2021 - 8:45

Од 2024 година повеќе средства за општините

Oпштините ќе добиват секоја година повеќе средства, но од 2024 година. Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера најави предлог-измени на Законот за финансирање на општините со кои ќе се подобри нивниот фискален капацитет и ќе се зголемат приходите преку постепен раст на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход.

-Согласно проекциите со предвидените 3 отсто од данокот на личен доход средствата за општините сега изнесуваат 600 милиони денари. Дополнителните 3 отсто, согласно Фискалната стратегија и планираните приходи, во 2024 година средствата за општините ќе изнесуваат 1,562 милијарди денари, односно 781 милион денари повеќе. По основ на дотација од ДДВ во 2024 година со 4,5 отсто предвидени се 2,8 милијарди денари, додека со 6 отсто ќе добијат 3,7 милијарди денари. Тоа е една милијарда денари повеќе. Вкупиот ефект во 2024 година ќе биде 1,7 милијарда денари повеќе пари за општините на годишно ниво, изјави Бесими.

Повеќе средства и стабилни приходи на општините, со крајна цел подобри и поефикасни услуги за граѓаните и засилен локален развој, е целта на реформата за унапредување на фискалната децентрализација што ја подготви Министерството за финансии, а Владата нa седница завчера ги прифати предложените измени и дополнувања на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

Премиерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција со Бесими  соопшти дека приходите од персонален данок на доход постепено се зголемуваат од 3 отсто на 6 отсто до 2024 година. Приходите од данокот на додадена вредност ќе се обезбедат во висина од 6 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година започнувајќи од 2024 година.

Премиерот потсети дека Владата со ребалансот на Буџетот за 2018 со 50 милиони евра им помогна на општините да сервисираат 50 отсто од својот долг. – Целта на ваквиот чекор беше да се ослободи развојниот потенцијал на општините кој со години се таложеше во долгови и блокирани сметки. Со еднократната помош, без обврска за враќање во централниот буџет ги зајакнавме капацитетите на единиците на локална самоуправа. Сега одиме со трајни законски решенија за системска функционалност и самостојна работа на општините за финансиска независност, градење капацитети и услови за привлекување нови инвестиции за економски развој, подвлече Заев.

Со законските измени што ќе следат се очекува зголемување на транспарентноста на работењето на општините, со што општините ќе имаат обврска на транспарентен начин да објавуваат финансиски податоци на своите веб-страници, како и зголемена отчетност во трошењето на сите средства кои се доделени од страна на државата.

Министерот Бесими образложи дека во овој закон предвидено е постепено зголемување на приходите од личниот данок на доход од 3 на 6 отсто до 2024 година, односно процентот за 2022 година ќе изнесува 4 отсто, за  2023 година 5 отсто и за 2024 година 6 отсто. Овој приход општините го добиваат од приходот од данок на личен доход од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште. Дополнително, во насока на подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините, во Законот се предлагаат и измени за постепено зголемување на стапката на дотација од ДДВ од 4,5 на 6 отсто.

-Со ова се овозможува обезбедување приходи од ДДВ во висина од 6 отсто од наплатениот ДДВ остварен претходната фискална година започнувајќи од 2024 година. Исто така, и тука е предвидено порастот да биде постепен така што во 2022 година ќе изнесува 5 отсто, а во 2023 година 5,5 отсто, рече Бесими.

Новина во Законот е што покрај Основниот фонд, ќе има Фонд за перформанси и Фонд за изедначување. Обезбедените средства ќе се распределуваат во три фонда. Основен фонд  – 4,5 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен  претходната фискална година, Фонд за перформанси – 0,75 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен претходната фискална година и Фонд за изедначување – 0,75 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен претходната фискална година, започнувајќи од 2024 година.

-Локалните самоуправи ќе имаат на располагање три кредитни инструменти и ќе можат да користат еден од нив со цел надминување на проблемите со доспеаните, а ненаплатени обврски. Тоа се условен кредит (standby) што ќе се  користи од општините, а ќе се даде од Министерството за финансии, односно централната власт. Вториот инструмент е издавање општинска обврзница за познат купувач. Во овој случај општините ќе издваат свои обрзници, а познатиот купувач ќе биде Министерство за финансии и  структурна обврзница, што ќе ја издаде Министерството за финансии за општините, рече Бесими. Додаде дека овие инструменти ќе бидат со времетраење до 10 години, а ќе се склучи договор за реализација меѓу ресорното министерство и општините.

Новина, како што истакна, е дека финансиска недисциплина ќе се прогласува по сила на закон, со исполнување на критериумите за настанување на финансиската дисциплина.

Во насока на зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење, со реформата се предвидени мерки за реално планирање на приходите и расходите на општините, рационализација во работењето и намалување на непотребните расходи, редовно сервисирање на обврските, поголема финансиска дисциплина, процедури за прогласување финансиска нестабилност, издавање општински обврзници и анализа на постојните обврски на општините и јавните претпријатија.

Бесими напомена дека приходите на општините од 2005 до 2019 година се зголемени номинално за шест пати, од 5,9 милијарди денари на 37 милијарди денари.