Балкан
8. October 2015 - 10:01

Од 2016 година ќе нема кој да ги лекува децата во Србија, тврди Здружението на педијатри

Децата во Србија ќе нема кој да ги лекува од 2016 година доколку бројни педијатри бидат пензионирани во рамки на најавената рационализација на јавниот сектор, објави денеска Блиц.

Здружението на педијатри на Србија смета дека со неодамна усвоениот Закон за начинот на одредување максимален број вработени во јавниот сектор, ќе се предизвика ненадоместива штета во областа на здравственат заштита на децата и дека може да предизвика последици за нивното здравје и развој.

Според податоци на Лекарската комора на Србија, речиси 30 отсто педијатри постари се од 60 години што значи дека Србија во следните три години ќе остане без околу 470 педијатри. Бројот од 220 лекари кои сега се на специјализација на педијатрија е недоволен за надоместување на тој дефицит.

- Одамна предупредуваме дека низа години бројот на педијатри е недоволен. Просечната старост на педијатрите е 52 години и речиси 90 отсто се жени. Со подигнување на старосната граница за пензија за жени, во 2014 година дополнително се случи одлив на кадри, вели Радован Богдановиќ, претседател на Здружението на педијатри на Србија.