Од 14ти мај се отвора грчката граница за македонски туристи - Услов е вакцина или негативен тест
Од 14ти мај Грција ќе ја крене рампата за нашите државјани. Планот е македонските граѓани слободно да влегуваат во земјата со сертификат за примена вакцина или негативен ПЦР тест, информираше министерот за здравство. Но, засега нема договор за признавање на тестовите за антитела на оние кои го прележале вирусот.
„Имаме честа комуникација со грчкиот министер за здравство, а утрово и со министерот за туризам, Теохарис. Во рамките на тие консултации во врска со епидемиолошката слика и со мерките во двете земји, министерот Теохарис ме извести дека планираат да ја отворат границата на 14 мај за македонските граѓани. Но, ќе биде задолжително да се покаже потврда за вакцинација или негативен ПЦР-тест. Тоа што јас зедов обврска е да испратам како ќе изгледаат нашите сертификати за вакцинација со потребните кодови и листата на официјални и овластени лаборатории што може да издаваат ПЦР-тестови, рече Филипче.
Новините ќе се реализираат ако во меѓувреме не се влоши епидемиолошката состојба во двете земји, нагласи Филипче.
И шефовите на дипломатиите на двете земји денеска разговарале за што поскоро да се создадат можности за отворање на границите пред почетокот на летото, информираат од МНР.
И покрај отежнатите прилики предизвикани од пандемијата, министерот за надворешни работи Османи изрази надеж дека во заедничка комуникација и координација со Грција, ќе се изнајде решение кое ќе ги задоволи интересите и потребите на бизнис заедницата и граѓаните, длабоко почитувајќи ги мерките за заштита, соопштија од МНР.
Границите со Грција се затворени веќе една година поради ковид пандемијата. Пред два дена српските и грчките власти се договорија Грција да ги отвори границите за српските туристи во мај, а можно е и порано, уште наредниот месец. Јужниот сосед веќе ги отвори границите за САД, Велика Британија Израел и Малта.
-
Александра Костовска
Сите содржини од овој новинар
