Македонија
2. јуни 2020 - 16:52

Обвинувања за постапката за избор на ректор при УКИМ

На Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” му се заканува нелегален и незаконски избор на нов ректор. Покрај Независниот академски синдикат, на ова предупредува и проректорот за настава Вујица Живковиќ, еден од тројцата проректори кои гласно се противат на целиот процес.

Начинот, процедурите и постапките кои се водат за избор за првиот човек на УКИМ се недемократски, обвинува Живковиќ, дополнувајќи дека најспорно во целата постапка се скратените временските рокови.

“Пет дена за конкурирање и осум дена за дебати и разговори прават тоа да не биде можно односно процедура која е надвор од духот на Законот. И наместо да сме сведоци на фер и демократски услчови каде што ќе победи најдобриот, тој што има најдобра програма  тој што ќе се презентира пред луѓето, ние ќе имаме услови за недемократски и нелегални избори за нов ректор, што ќе остави голем белег”

Наместо до 15-ти јули, процедурите за избор на нов ректор се скратени и траат до 8-ми јуни. За Живковиќ, ова одлука е спротивна на Статутот и е прекратко време да се поднесе програма од идните кандидати и таа да биде дистрибуирана до наставничките совети кои треба да гласаат.

Актуелниот ректор Јанкуловски претходно посочи дека постапката е спроведена на ваков начин, поради неможноста за физичко присуство на седниците на наставно- научните совети на факултетите и институтите поради корона кризата.

Но со ова не се согласува проректорот.

“Тоа е негово толкување. Ако влеземе во расправа зошто се скратени ќе дојдеме до многу нелогичности.”

Новиот ректор се избира за мандат од три години. Проректорите се сомневаат дека со кратењето на роковите, актуелниот ректор сака повторен резибор под матни околности.

За тензиите во УКИМ се огласи и Просветниот инспекторат, кој по барање на антикорупционерите ветија дека ќе го разгледаат целиот случај.