Македонија
29. March 2020 - 8:47

Обвинителството ја истражува смртта на стружанката, која почина од Ковид-19

Основното јавно обвинителство Охрид ја истражува смртаа на 66 годишната стружанка, која е четврта жртва на коронавирусот во земјава.

Обвинителството по допрен глас отворило предмет, како што се наведува во соопштението, за за смртта на лице од Струга, жена на возраст од 66 години на која и било дијагностицирано присуство на вирусот  COVID 19.

-Според првичните информации, поради нагло влошената здравствена состојба кај сега починатата пациентка, матичниот лекар  препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница. Но пациентката и покрај упатувањето, не е примена во болницата, се вели во соопштението на Обвинителството.

Се додава дека Обвинителството ќе преземе дејствија во насока на расчистување на причинско последичната поврзаност и за утврдување на фактите за евентуално постоење на кривична одговорност.​

Министерството за здравство вчера соопшти за смртта на 66 годишната жена.  Таа и нејзиниот сопруг биле дијагностицирани позитивни на коронавирус во текот на завчерашниот ден. Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок.

Според епидемилошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар (13 Март) биле на гости во Дебар и имале контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација.

Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден.

Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите завчера, пациентката не е примена во болница.