Свет
25. May 2017 - 20:32

Обвинителот на Венецуела ја обвини Националната гарда за убиство на антивладин демонстрант

Јавната обвинителка на Венецуела, Луиза Ортега Руиз денеска ги обвини припадниците на Националната гарда за „прекумерна употреба на сила“ и за убиство на еден студент, кој учествувала на антивладините протести.

Дваесетгодишниот Хуан Пабло Перналете почина во болница од последици на „кардиолошки шок“, откако во текот на демонстрациите во Каракас, одржани минатиот месец, бил погоден во пределот на градите со бомба-солзавец.

Владини министри и функционери на владејачката Социјалистичка партија на претседателот Николас Мадуро, за смртта на демонстрантот обвинија „недиентификувани припадници на толпата“ која протестираше, тврдејќи дека студентот бил застрелан од маскиран човек од редовите на „буржоаските демонстранти“.

Обвинителката Ортега меѓутоа денеска на прес-конференција ги отфрли таквите тврдења и соопшти дека според изјавите на сведоци и форензичките наоди, студентот настрадал откако бил погоден од припадници на Гардата.

Таа изјави дека верува оти наскоро ќе може и да посочи и кој од војниците го „сторил убиството“, истрелувајќи го солзавецот дирекно во демонстрантот.

Испукувањето бомба-солзавец директно во луѓе кои протестираат на улица е забрането со меѓународните конвенции, затоа што при директен погодок, како во овој случај, таа се претвира во смртоносно оружје.

Сега се испитува дали војниците имаат дозвола да пукаат во луѓето кои учествуваат во речиси секојдневните антивладини демонстрации на кои се бара оставка од претседателот Николас Мадуро.

Ова е првпат некој од високите функционери на венецуелскиот правосуден систем, што е под контрола на Владата, да застане на страната на демонстрантите и противниците на власта.

Обвинителката Ортега беше еден од блиските сојузници на Мадуро, но од пред неколку месеци таа му ја откажа подршката на претседателот. Таа претходно го прогласи како антизаконско решението на Врховниот суд да се суспендира Парламентот и работата на пратениците, кои во големо мнозинство се од редовите на опозицијата.