Македонија
26. February 2020 - 17:04

Обвинетите не се чувствуваат виновни за организирање на 27 април - Обвинителството вели има докази

Обвинетите за организирање на собраниските настани од 27 април сметаат дека судењето за нив е политички прогон. Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовки во судница изјавиа дека не чуствуваат вина за делото кое им се става на товар. Според Вељановски, обвинението било креирано да ги убедат да гласаат за уставните измени. Одбраната смета дека случајот се води без докази и со измислени сведоци.

„Не постои никаков доказ за порака или организирање од Спиро и Миле на било кого. Не постои организиран превоз за тој ден ниту доказ за такво нешто ниту пак постапување на господинот Трајко Вељановски согласно на деловникот на собранието може да биде сторување на кривично дело а најмалку кривично дело тероризам“, изјави Еленко Миланов, Адвокат.

„Тоа што Трајко Вељановски и Спиро Ристовски изјавиа дека се жртви на политички прогон, тоа е нивно мислење. Се надевам дека тоа мислење ќе го поткрепат со нешто“, изјави Вилма Русковска, Обвинител.

Обвинителстовото тврди дека поседува докази за организирање на крвавиот четврток. Според Русковска, секој од обвинетите имал своја задача во организирање на протестите и упадот во собранието, а наредби стигнувале и од Груевски.

„Знаеме кој ги отвори вратите, но знаеме кој им рече да го направат тоа. Тоа се овие обвинети овде како и нивниот лидер Никола Груевски кој сакаше да се соочува со граѓаните на избори, но кога требаше да се соочи со правдата, кукавички избега“, рече во судница обвинителката Русковска.

Поранешниот премиер Груевски негираше дека побегнал од правдата. Секојдневно ги следел судењата иако биле политички монтирани.

„Нарачателот на политичкиот прогон неодамна јавно призна аудио снимка со негов разговор во кој тој лично говори и подобро и од мене објаснува дека бил свесен дека аудио матерјалите се незаконски прибавени и како резултат на тоа бил свесен дека ќе паднат на повисок суд, но сепак на крајот воден од омразата неуставно креираше закон со кој за мене и многу од мојата партија истите да можат да се докази а за него во иднина ако излезат слични да неможат да бидат докази“, пишува на фејсбук Груевски.

Судењето за 27 април продолжува на 9 март кога е предвидено да сведочи техничкиот премиер Оливер Спасовски.