Македонија
8. July 2019 - 16:17

Обвинение за судијата Панчевски за местење предмети кај судии- тој негира

Повеќе од три и пол години поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд Владимир Панчевски, лично наредувал кој судија да води конкретни предмети. Скопското обвинителство кривично го гони Панчевски за злоупотреба на системот за електронска распределба на предметите – АКМИС. Според обвинението, со наредба на Панчевски биле распределени вкупно 49 предмети, најмногу, 41 кои пристигнале од Обвинителството за организиран криминал и корупција како и две обвиненија поднесени од СЈО. Од обвинителството велат дека за истрагата на случајот биле испитани 19-мина сведоци кои се вработени во кривичен, Апелационен и Врховен суд како и вработени во Министерството за правда.

„Обвинетиот со ставање на писмен „параф“ и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот“, се вели во обвинението.

Панчевски кој се огласи преку Фејсбук, обвинението против него го смета за фингирано и вели дека на овој начин власта спроведува аменстија.

„Со ваквиот потег власта амнестира 48 предмети од областа на организираниот криминал  и корупција  правосилно завршени во сите судски инстанци! Кои криминалци од висок ранг ги спасува власта, а обвинителството на Јовевски одработува останува да видииме“, напиша Панчевски.

Поднесувањето обвинение против поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд доаѓа во период кога највисокиот суд во државата треба да одлучи според кој закон ќе се казнуваат врховните судии за кои се отворени постапки за разрешување. Од вкупно 18 врховни судии, дури за 9-мина се водат постапки за утврдување одговорност и сами треба да одлучат кој закон да се примени за нив - Според стариот, кога се отворени постапките а предвидува разрешување за утврдена неосовесност во работата, или новиот закон за судови во кој се предвидени и дисциплински мерки.

„Во состојба кога еден дел од судиите се засегнати од содржината на тоа правно мислење, односно истотот би се однесувало за постапка во која кај што тие се предмет на одговорност, во тој случај сметам дека тоа правно мислење е нелигитимно бидејќи на некој начин никој не може да биде објективен тогаш кога е засегнат од тоа мислење“вели поранешниот врховен судија Милка Ристова.

Судскиот совет пак веќе во среда ќе формира комисии на известители по поднесени барања на одговорност на судија. Според објавениот дневен ред, се работи за претседател на суд.