Македонија
25. јуни 2019 - 16:18

Обвинение за Ел Чека

Кичевското обвинителство поднесе обвинение против таканаречениот “Ел Чека”, кој веќе еден месец во јавноста објавува прислушкувани телефонски разговори. Во разговорите тврди дека се слушаат високи функционери на ДУИ, кои Ел Чека ги обвинува за криминал.

Обвинителството го товари за кривично дело „Неовластено прислушкување и тонско снимање“.

„Обвинетиот при крајот на мај оваа година, од профил на една социјална мрежа, претставувајќи се како „El Cheka” објавил повеќе тонски снимени прислушкувани телефонски разговори на повеќе лица. Со тоа обвинетиот им овозможил на корисниците на социјалната мрежа и на други неповикани лица да се запознаат со содржината на тонски снимените разговори“, наведуваат од обвинителството.

Доколку биде прогласен за виновен, Ел Чека се соочува со казна затвор од една до пет години. Во една од своите објави посочува дека не се плаши од екстрадиција во Македонија.

“Шеќерим Ахмеди, како што е вистинското име на Ел Чека, живее во Чикаго, а е по потекло од кичевското село Туин. За бомбите кои ги објавува преку социјалната мрежа Фејсбук, тврди дека ги добил од припадниците на групата од случајот „Диво насеље“.

Криминалните активности на ДУИ, за кои обвинува Ел Чека, вчера беа повод и за протест кој го предводеше неговиот брат Блерим. Полицијата ги спречи демонстрантите да стигнат до седиштето на ДУИ во Мала Речица, од каде, како што наведуваат, “се даваат наредби, за убиства, затворање и монтирани случаи против правата на Албанците”.