Бизнис
11. November 2015 - 16:49

Објавен повикот за финансиска поддршка во рибарството

Објавен е повикот за доставување барања за финансиска поддршка за порибителен материјал и за произведена и продадена риба на пазарот, соопшти денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. 

Повикот ќе трае еден месец, до 11 декември 2015 година, а средствата се наменети за набавка на порибителен материјал од домашно производство и за произведена и продадена риба во периодот од 1 декември 2014 година до 31 октомври 2015 година. 

Висината на поддршката за килограм произведена и продадена риба ќе изнесува 20 денари по килограм, а исплатата ќе биде скалеста: за произведена риба во рибник со проектиран капацитет до 25.000 килограми - 100 отсто од 20 денaри, за произведена риба во рибник со проектиран капацитет од 25.000 до 50.000 килограми - 75 отсто од 20 денaри, за произведена риба во рибник со проектиран капацитет од 50.000 до 100.000 килограми - 50 отсто од 20 денaри и за произведена риба во рибник со проектиран капацитет со над 100.000 килограми производство 25 отсто од 20 денари.

Право на користење средства имаат субјекти кои поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал од рибник наменет за промет и немаат увезено порибителен материјал и жива риба во периодот декември 2014 - декември 2015 година, за набавен подмладок субјекти кои се регистрирани за дејност аквакултура и се запишани во регистарот на одгледувачи на риби што се води во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и имаат купено подмладок од субјекти кои поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал од рибник наменет за промет и субјекти кои поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал од рибник наменет за промет за сопствено насадување на рибникот.

Пополнетите барања се доставуваат по пошта или лично во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Подетални информации заинтересираните можат да добијат во контакт центарот на Агенцијата на тел. (02) 3097-460 или на адресата ipardpa.info@ipardpa.gov.mk и на веб-страницата www.ipardpa.gov.mk, како и во најблиските регионални центри или работни единици на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството.