Македонија
1. December 2017 - 20:17

Обилниот дожд го отежнува сообраќајот - ова е моменталната состојба во Македонија

Интензивните врнежи од дожд предизвикаа прекини и го забавија сообраќајот на дел од патиштата, а високи се водостоите на сите реки во државата.

Автомотосојузот на Македонија информираше дека поради обилните врнежи не е проооден локалниот пат од селото Железнец до селото Мало Илино во Демир Хисар. Отежнато е и одвивањето на сообраќајот на патот Маврово - Галичник, 100 метри пред Царева Чешма поради излевање вода на коловозот. 

Поради одрон по една коловозна лента во должина од 10 метри се одвива и сообраќајот на патот Виница - Берово кај месноста викана Рибарник.

Се санира и поплавата на подвозникот кај клучката Матка во Скопје, во близина на бензинската станица „Бис Оил“. Во поплавувањето настанато од дождот и дефект на водоводна мрежа на ЈП „Водовод и канализација“, беа заглавени четири возила, а луѓето од нив извлечени од Бригадата за противпожарна заштита.

Намалена видливост поради појава на магла од 100  до 150 метри има на Страцин и до 100 метри на планинскиот превој Плетвар.

Врнежи од снег се бележат на Попова Шапка, но засега не претставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. 

Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), високи водостои има на сите реки во државата, а најизразени се на југозапад, запад, северозапад и север. Последните хидролошки мерења на УХРМ покажуваат дека релативно високи водостои имаат реките Вардар, Треска, Радика, Сатеска и Лепенец. Во Скопје, нивото на реката Вардар на станицата кај Зајчев е 168 сантиметри.

УХРМ, повикувајќи се на информација од ЕЛЕМ, појаснува дека акумулациите имаат доволно простор да го примат водениот бран, што позитивно ќе влијае на намалувањето на водостоите на одредени места.

Според временската прогноза, која покажува дека и понатаму не очекува облачно време со слаб до умерен дожд, се предвидува водостоите на реките да бидат високи, а на одредени места можни се и локални излевања. Високи водостои се очекуваат на горниот тек на реката Вардар со притоките, локално кај Раотинце, Јегуновце, Рашче, шеталиштето во центарот на Скопје, горниот тек на Треска, сливот на реката Сатеска, Црн Дрим и Радика. Во текот на ноќта се очекува покачување на нивото на реките и во источните делови од државата. 

Вечерва, врнежите ќе бидат почести на запад, а преку ноќта во источните делови од државата. Понекаде на запад и на исток се очекува да наврнат и нови 60 литри на метар квадратен.

Од УХРМ предупредуваат на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците и внимателно возење по патиштата кои пресекуваат водотеци и суводолици, како и на патиштата поради можна појава на одрони и свлечишта.