Свет
23. September 2016 - 9:30

Обама: Сирија и натаму ме прогонува

Американскиот претседател Барак Обама призна дека „неспособноста да стави крај на граѓанската војна во Сирија и натаму го прогонува“, но додаде дека смета оти неговото одбивање да интервенира бил вистинскиот избор.

- Секогаш има работи за кои помислувам дека би сакал подобро да постапев, но нема многу ситуации во кои кога ќе погледнам наназад ќе речам дека одлуката која всушност сум ја донел или патот по кој сме се движеле бил погрешен, рече Обама во интерју со историчарката Дорис Кирнс Гудвин. 

Како добар пример за тоа Обама ја наведе ситуацијата во Сирија, која како што рече „постојано го прогонува“.

- Би кажал дека од сите работи, кои се случија за време на моето претседавање, информацијата дека имате стотина илјади настрадани, милиони раселени, ме принудува да се запрашам што можев да сторам поинаку во последните, пет, шест години, рече Обама, кој Белата куќа ќе ја напушти во јануари 2017 година. 

Тој сепак нагласи дека опциите за соборување на сирискиот претседател Башар ал Асад биле проблематични, а дека конвенционалните аргументи за тоа што можело да се стори се „погрешни“.

Обама беше изложен на критики поради одбивањето да интервенира за да се стави крај на судирите во кои настрадаа 300 илјади лица, но кои им овозможија на Русија и Иран да ја потврдат својата моќ на Блискиот Исток и предизвикаа бегалска криза, која ја дестабилизираше Европа.