Свет
15. December 2016 - 8:46

Обама не потпиша закон за продолжување на санкциите спрема Иран, но дозволи да стапи на сила

Американскиот претседател Барак Обама не потпиша закон за продолжување на санкциите кон Иран за 10 години, но дозволи тој да влезе во сила и без негов потпис.

Според американски медиуми, реакцијата на Обама е „изненадување“.

Крајниот рок за потпишување на законот од претседателот истече на полноќ. Претходно, Белата куќа соопшти дека се очекува Обама да го потпише законот.

Прессекретарот на Обама, Џошуа Ернест изјави дека претседателот ќе дозволи законот да влезе во сила и без негов потпис.

Иран предупреди дека ќе одговори ако санкциите бидат продолжени поради непочитување на нуклеарниот договор. Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој ќе го наследи Обама на 20 јануари, е остар критичар на договорот за иранската нуклеарна програма.