Македонија
14. јуни 2021 - 16:43

Нуредини: Во заштитените подрачја ќе се легализираат само дивите градби во кои живеат сопствениците

Во заштитените подрачја ќе се легализираат само дивите градби во кои што живеат сопствениците, вели министерот за животна средина. Тој тврди дека со ниту со сегашниот ниту со новиот закон не може да се легализира секоја нелегална градба.

„Сакам да се повикам на законот за нелегални градби. Јасно е укажано дека без дозвола од Министерството за животна средина каде што ќе се предвидува и постоење на зелени површини околу тие градби, нема да се добијат дозволи за градба. Тоа се нашите укажувања. Законот се врати пак на Влада, на владина расправа. Нашата препорака од Министерството за животна средина е дека треба да се легализираат само оние градби и згради кои што се во владение на граѓани, на жители кои живеат во нив. Во сите заштитени зони мора да има одобрување од Животна средина, без тоа не може да се легализираат ниту со стариот закон. Дивото е диво и нема легализација на тоа”, вели Насер Нуредини, министер за животна средина.

Нуредини нема разбирање за дивоградбите и ги повикува локалните власти да делуваат на терен. Некоординираноста и бавното реагирање на терен е проблем и според министерката за култура. Таа за Сител рече дека дивоградбите се одговорност и на локалната и на централната власт.

Дивоизградените платформи не се проблем само на Охридското крајбрежје, туку и на Матка. Министерот Нуредини вели дека тие нема да се легализираат, а во насока на заштита на тоа подрачје во финална фала е и Законот за заштита на езерото Матка.