Македонија
26. May 2022 - 16:42

Нуредини: Очекуваме во Собрание да помине Законот за долг и да го уредиме трајно прашањето за управување со отпадот

Со пари од Европска банка за обнова и развој ќе се направат регионални депонии со претоварни станици и ќе се набават контејнери и камиони за собирање на отпад за сите плански региони. Очекуваме во Собрание да помине Законот за долг и за првпат од независноста да го уредиме трајно прашањето за управување со отпадот во државата, изјави денеска на собраниската седница за пратенички прашања Министерот за животна средина Насер Нуредини.

Одговарајќи на прашање од пратеничката Вјолца Адеми од ДУИ до каде е проектот за менаџирање на отпадот во Полошкиот регион, Нуредини рече дека со грант од 1,9 милиони франци за рехабилитација на депонијата Русино од Швајцарската амбасада направена е обиколка на депонијата и одведување на отпадните води и уреден е патот до депонијата.

– Во втората фаза швајцарската држава има дадено дополнително шест милиони франци, но ние како Влада донесовме и очекуваме законот да дојде во Собрание, каде ќе земеме долг од Европска банка за обнова и развој за целосна рехабилитација на Русино, изјави Нуредини.

Посочи дека во втората фаза, за сите општини во Полошкиот регион ќе бидат изградени станици и набавени контејнери и камиони за собирање на отпадот.

– Овој проект ќе биде за целата држава. Ќе се направат регионални депонии со претоварни станици и ќе се набават контејнери и камиони за отпад. Нашата идеја е да не се создаваат само депонии, туку со законските измени од август 2021 година за управување со отпадот се предвидува и должностите на локалната и централната власт, како и за проширената одговорност на производителите за селектирање на отпадот, изјави Нуредини.