Македонија
10. August 2020 - 16:48

Нухиу ги потпиша актите за двојазични амблеми на полициските униформи

Министерот на МВР се пофали дека потпишал нормативни акти за новите амблеми и на албански јазик кои ќе стојат на полициските униформи. Нухиу на својот ФБ профил напиша дека својот потпис го ставил за амблемите на сообраќајната полиција, граничната, хеликоптерската, одделенијата за специјални задачи...

Објаснување за статусот на министерот испратија пр службите на МВР. Објавата се однесувала на акти кои треба да се достават до Владата која воедно ја носи уредбата за униформите и ознаките на полицијата.

Откако Владата ќе ја донесе, МВР носи правилник за тоа кој ќе ги носи овие униформи. Од МВР велат дека работи за правни документи кои се согласно закнот за јазици и според кој во рок од една година сите надлежни институции се обврзани да ги донесат подзаконските акти за спроведување на законот.

Државниот секретар во МВР Магдалена Несторовска  за Сител вели се работи за почеток на целата процедура на која и претстојат неколку фази. Формирана е комисија, се работи на предлози но се уште нема одлука за тоа како би изгледале амблемите.

Дали се работи за политички притисок од страна на министерот за да се издејствуваат подобри позиции во преговорите за нова Влада, одговор од Нухиу не добивме.

Од Владата велат министрите не се надлежни да носат уредби туку Владата. За објавата на ФБ ќе побараат објаснување од Нухиу.

Инаку, законот за двојазични амблеми е изгласан пред две години и се однесува на општините каде Албанците се најмалку 20% од населението.