Македонија
3. February 2020 - 13:43

НПС бара најстрога казна за напаѓачите на полицаецот во Велес

Независниот полициски синдикат (НПС) ќе ги преземе сите законски активности за добивање најстрога казна за извршителите на кривичното дело вчера кога пред црквата „Св.Спас“, кај Градските гробишта во Велес, на полициски службеник му беше одземен пиштолот, по што беше пукано кон него.

Нападот врз полициски службеник, НСП го смета за напад врз државата поради што бараат од надлежното Јавно обвинителство и надлежниот суд да ја променат досегашната пракса на неказнување и пуштање на слобода на извршителите на кривични дела над полициски службеници и тие да се соочат со најстроги казни.

– Како што досега баравме така и во иднина ќе бараме да се направат измени во Законот за полиција и Кривичниот законик и за кривичните дела сторени над полициски службеници кои секојдневно се соочуваат со разни предизвици при извршувањето на работните задачи, а во служба на граѓаните, да се спроведуваат итни постапки за сторителите преку соодветна правна регулатива, стои во соопштението на НПС.