Македонија
4. January 2017 - 14:30

Новогодишно-божикен концерт на струмичките гимназијалци

Во големата сала на НУКЦ „Антон Панов“ во Струмица вечерва во 19:00 часот ќе се одржи традиционалниот новогодишно-божикен концерт на СОУ „Јане Сандански“. По седми пат 60 талентирани средношколци, членови на хорот и оркестарот ќе го изведат мултимедијалниот проект „Кинг оф тхе поп“ кој има хуманитарен карактер.

- Овој пат со учениците одлучивме да подготвиме настан во чест на кралот на светската поп музика Мајкл Џексон - една од највлијателните личности. Освен извонредните хитови, карактеристичниот вокал, уникатните танцови движења и генијалните сценски настапи тој ги помести границите на уметноста и шоуто во концертните изведби, вели професорката и раководител на хорот, Анита Станковска.

За професорите и учениците предизвукувачка била и хуманоста на Џексон.

- Кралот на попот, Мајкл Џексон, поддржувал 39 хуманитарни организации и го посветил целото свое живеење на помагање. Ќе се обидеме на свој начин да ја оживееме неговата уметничка порака, истакна професорот и раководител на школскиот оркестар Денис Кирчанов.

Billie Jean, Black or white, They don’t care about us, Beat it, Thriller, Smooth criminal, The way you make me feel, Earth song… се само дел од неговите најпродаваните и најпопуларни хитови чија изведба е вистински предизвик за докажување на сите светски музичари, велат поддржувачите на проектот од Младинскиот совет.

- Хуманата страна на овој проект е голем показател за свеста на струмичани кога станува збор за помагањето. Со овој настан се вклучуваме кон донациите за Никола Манушев кој има потреба од пресадување на матични клетки во Русија. Сите собрани средства преку влезници и дополнителни донации ќе бидат наменети за лекување на нашиот сограѓанин кој со неговото семејство четири години по несреќата не може да се израдува на најубавиот период од годината, велат од Младински совет – Струмица.

Влезниците по цена од 100 денари беа распродадени уште 10 дена пред концертот што зборува за големата традиција на овој настан. Првиот новогодишно-божикен концерт на хорот и оркестарот на СОУ „Јане Сандански“ се одржа во 2011 година и оттогаш се собрани над 320.000 денари финансиска помош. Новогодишно-божикниот концерт е настан кој изведува тематски вечери, како што беа познатите оперски арии, мјузиклот на Тоше Проески...