Македонија
2. December 2019 - 14:24

Новогодишната елка на плоштад ќе светне в петок – почнува „Винтерленд 2020“

 Со осветлување на новогодишната елка на плоштадот „Македонија“, в петок, на 6 декември со работа ќе почне новогодишниот базар „Винтерленд 2020“.

– Новогодишните куќички на „Винтерленд“ годинава ќе бидат сместени на новиот плочник меѓу ГТЦ и плоштадот, а новогодишната програма ќе трае 25 дена – од отворањето на базарот, па се до 31 декември, до дочекот на Новата 2020 година, соопшти Град Скопје.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов очекува во Скопје да се создаде вистинска предновогодишна атмосфера, каква што досега не сме имале.

– Минатата година „Винтерленд“ побуди голем интерес кај нашите сограѓани, а јас сум убеден дека годинава ќе биде посебна на свој начин и ќе привлече уште повеќе посетители. Не очекуваат многу музички изненадувања од земјава и од регионот, кои треба да ги задоволат сите вкусови и да гарантираат добра забава. Затоа, ги поканувам граѓаните да го посетат „Винтерленд 2020“ со своите најблиски, да уживаат во празничниот амбиент и да ја почувствуваат новогодишната магија, рече Шилегов на денешната прес-конференција на која ги претстави содржините на новогодишниот базар.

Град Скопје соопшти дека во близина на куќичките во „Винтерленд“ ќе биде сместена мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. На овој простор се предвидени и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер.

Во работните денови секој ден ќе има два часа детска програма што ќе почнува околу 16 часот, а подоцна ќе има три часа програма за возрасни. За време на викендите е планирана целодневна програма која ќе почнува точно напладне.