Свет
10. May 2020 - 8:41

Ново занимање во Италија – ковид-менаџер

Пазарите на отворено во Италија се отворија по двомесечна пауза и оваа категорија трговци претрпе огромни економски загуби. Засега продажбата е ограничена само на продукти, затоа што фазата два во Италија подразбира постепено и експериментално отворање.

Тезгите мора да бидат оддалечени два и пол метри, на пазарите имаат пристап луѓето на кои прво им се мери температура и мора да имаат маски и ракавици кои, доколку ги немаат, ги добиваат на самото место.

Од вкупно 94 вообичаено активни пазари во Милано, отворени се 26. Продавачите се надеваат дека купувачите наскоро ќе се вратат и ќе имаат доверба во своите постојани добавувачи. Со отворањето на пазарите е воведена и нова фигура – ковид-менаџер.

Неговата задача претходните денови беше да ги испланира и да ги организира активностите. Отсега тој е присутен на самото место, каде што го контролира почитувањето на сите прописи и мерки за безбедност.

Ова е ново занимање, кое се појави за време на епидемијата на коронавирусот. Фазата два во Италија предвидува воведување на оваа нова фигура, која на пазарите треба да одреди колку лица смеат да бидат присутни на тоа место (број на продавачи, број на тезги), се мери растојанието, се распоредуваат тезгите, се одредуваат влезови и излези.

Накусо, ковид-менаџер е координатор кој надгледува на италијанските пазари сè да функционира како што се бара со прописите. Тој исто така е лице на кое трговците му се обраќаат доколку има некаков проблем, некои критични ситуации, а тука се и за секоја забелешка или прашање.

На новинарските прашања одговараат дека тие проверуваат дали сè се одвива според прописите, на пример, дали им се мери температура на луѓето пред да влезат и дали им е дадена соодветна маска. Проверуваат, исто така, дали има соодветно растојание меѓу луѓето, уличните продавачи да имаат лична заштита и опрема, како и соодветни материјали за социјална заштита.

На крајот, соработката е основа за гарантирање максимална безбедност за продавачите, купувачите, како и за персоналот.

Продавачите не се задоволни со условите за отворање на пазарите, со воведувањето ковид-менаџери, огради кои ги сметаат за несоодветни, и се надеваат дека од 18 мај нешто ќе се промени кон подобро.