Македонија
22. јуни 2017 - 9:06

Ново издание на манифестацијата „Празник на липите“

Во организација на Друштвото на писателите на Македонија денеска во Скопје ќе се одржи Меѓународната поетска манифестација „Празник на липите“.

Како што соопшти ДПМ, во првиот дел од манифестацијата, во домот на македонските писатели ќе бидат врачени наградите „Книжевно жезло“ на македонскиот поет Стојан Тарапуза и поетот од Косово Еќрем Баша. Наградите ќе ги врачи претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а за творештвото на Тарапуза и Баша ќе зборуваат Борче Панов и акад. Али Алиу. Манифестацијата ќе ја отвори претседателот на Организациониот одбор Владимир Мартиновски.

На поетскиот митинг, напладне ќе настапат 28 поети со стихови посветени на Скопје и липата. Ќе биде доделена награда за најдобра песна на митингот, а на поетесата Бистрица Миркуловска ќе и биде врачена наградата „Даница Ручигај“ за стихозбирката „Фатаморгана“. Програмата ќе ја води Александра Велинова.