Македонија
29. December 2017 - 17:48

Новиот министер за здравство најави повторно интегрирање на скопските клиники

Новиот министер за здравство најави повторно интегрирање на скопските клиники. Ќе ги враќа во времето пред 2007 кога имаше еден директор за сите 31 установа. Така очекува да заштедат но и да го подобреле функционирањето

Скопските клиники повторно ќе се спојат во Клинички центар. По десет години работење  како посебни установи, Владата ќе го враќа стариот модел на функционирање. Министерот за здравство најави формирање на работна група која треба да го подготви теренот за интегрирање на клиниките.

-Нема да има управни одобори на секоја клиника како досега, ќе бидат укинати економските директори а јавните набавки за институциите ќе бидат заеднички.

Со спојувањето министерот Филипче очекува да се намалат непотребните трошоци кои сега одат за повеќе од 30 управни одбори, втори директори како и разни комисии за набавки. На клиниките ќе има само раководители.

И додека се чека на работната група, министерот најави интегрирање и на здравствени установи во внатрешноста. Пилот проектот ќе почне во Кочани, Гевгелија и Дебар.

„Во овие градови на пример во истиот двор функционираат и болница и здравствени дом, а во Дебар во иста зграда функционираат со различни директори, и со различни управни одбори. Сметаме дека ова е апсолутно непотребен трошок, но и ќе се подобрат здравствените услуги што ги добиваат граѓаните. Овој пилот проект ќе почне наскоро“, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Паралелно со процесот на интегрирање на клиничкиот центар, свое место ќе добие и државната детска кардиохирургија. Ќе биде на Клиниката за кардиологија каде има простор како и помош од кардиохирургијата за возрасни.