Македонија
10. October 2019 - 8:36

Нови рочишта за „Таргет-Тврдина“, „Монструм“ и повторената постапка за „Триста“

Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за случаите „Таргет-Тврдина“, „Монструм“ и повторената постапка за „Триста“, кои од СЈО ги презеде во надлежност и натамошно постапување Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Случајот за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, „Монструм“, се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат над 133.000 СМС-пораки и други транскрипти, предложени како дополнителни докази од Обвинителството.

Судскиот процес го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Случајот за незаконското следење на комуникациите „Таргет-Тврдина“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Женета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е Ленче Ристевска.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Биле прислушувани над 20 илјади граѓани.

Во „Триста“ е обвинет поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност при набавката на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Судијката Добрила Кацарска во мај минатата година го осуди Поповски на девет години затворска казна за злоупотреба на службената должност, а во декември минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот и го врати на повторно судење.

Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.