Свет
20. May 2017 - 13:07

Нови обвинувања за корупција против бразилскиот претседател

Двајца високи функционери на големата бразилска компанија за пакувано месо ЏБС тврдат дека во изминатите седум година на претседателот на Бразил, Мишел Темер му биле дадени „повеќе милиони долари поткуп“.

Во спогодбеното сведочење, што двајцата го дале пред Врховниот суд на Бразил, едниот од нив тврди дека од 2010 година на Темер му биле префрлени 2,5 милиони долари за изборната кампања и за плаќање на неговите политички сојузници, додека вториот функционер на ЏБС изјавил дека во 2014 година дал 4,6 милиони долари на сопартијците на сегашниот претседател за донации и за изборната кампања.

Доколку се покаже дека овие сведочења се точни, тоа може да предизвика конечен пад на сегашната бразилска Влада, која веќе се соочува со неизвесност откако Темер претходно беше осомничен дека одобрил исплата за замолчување на сведок во корупциската афера околу „Петробрас“.

Темер ги отфрла обвинувањата и одбива да се повлече од функцијата, но весникот „О Глобо“, кој ја откри аферата со претседателот, тврди дека поседува аудио снимка од разговорот на Темер со бразилски бизнисмен од компанијата ЏБС, кој дошол на средбата со апарат за тајно снимање.

Претходно, еден федерален судија во пишана изјава до Судот, тврдеше дека Темер е еден од високите политичари кои ја попречувале истрагата за корупција поврзна со државната нафтена компанија „Петробрас“.

Поранешните бразилски претседатели Лула да Силва и Дилма Русеф веќе подолго време се обвинуваат дека како и Темер, примале милионски износи како донации за изборите. За Лула се тврди дека примил 50 милиони, додека Русеф 30 милиони долари, но и двајцата ги отфрлаат таквите обвинувања.

Пред една година, Мишел Темер ја презеде претседателската функција од Дилма Русеф која беше сменета со импичмент.

Бразилската опозиција и приврзаниците на Работничката партија на Лула и Русеф, сега бараат и Темер да се повлече од функцијата.