Македонија
8. January 2019 - 16:29

Нови нископодни автобуси за ЈСП „Скопје“ со заем од ЕБОР

Собранието попладнево на седница го донесе Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на набавка на автобуси  што ќе се склучи меѓу ЕБОР и ЈСП „Скопје“, со кое се овомзожува Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ да набави нови нископодни автобуси. Со заемот од ЕБОР се обезбедуваат 10 милиони евра, а во набавката со 2 милиона евра сопствени средства ќе учествува ЈСП.

За 10-те милиони евра од ЕБОР заемопримач ќе биде ЈСП, Град Скопје ќе издаде општинска гаранција, а Република Македонија ќе издаде државна гаранција.  Рокот за отплата на заемот е 10 години, со вклучен грејс-период од три години. Каматната стапка е варијабилна и изнесува шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од еден процент.

Министерот за финансии Драган Тевдовски соопшти рече дека законот е дел од програмата на Владата за сообраќај и предвидува промовирање на употреба на гасни горива од типот природен гас и пропан бутан, а целта е и да се стимулира јавниот и организиран превоз во Скопје.

-Набавката ќе овозможи обнова на возниот парк на ЈСП „Скопје“, кое во моментот работи со возен парк скап за одржување и значително придонесува кон загадување на животната средина. Со предвидената набавка се планира да се набават нископодни автобуси кои работат на компримиран природен гас, со голема економска исплатливост и еколошка предност во однос на карактеристиките на постојните автобуси. Набавката ќе придонесе за подобрување на квалитетот и пристапот до јавниот превоз, а пред се,  до значително намалување на трошоците за гориво и одржување и понатамошоно унапредување на практиките за заштита на животната средина, рече Тевдовски.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред донесувањето на законот соопштија дека ќе гласаат за него затоа што сметаат дека квалитетен јавен превоз им е потребен на граѓаните на Скопје, но укажаа дека Владата треба да води подеднаква грижа и за жителите надвор од Скопје и да набави нови автобуси особено за поголемите градовите со голема загаденост.