Македонија
15. April 2021 - 16:53

Нови најави за продолжување на рестриктивните мерки, опозицијата бара лекување по исти цени во приватните болници

Најдоцна до понеделник ќе се знае дали по 20 април ќе има седење во кафеани и ресторани или рестриктивните мерки ќе останат на сила. Министерот за здравство со објаснување дека тоа ќе зависи од епидемиолошката состојба – бројот на заразени и притисокот врз болниците. Филипче вели дека и викендот ќе прават проценки со Комисијата за заразни болести а според информации на Сител, една од опциите е рестрикциите да бидат продолжени уште една недела, односно до 27 април. Сегашната слика според здравствените власти има тренд на опаѓање на бројот на нови случаи, но се уште има голем број лица кои се во болничките соби. 1687 граѓани се наоѓаат во ковид центрите ширум државата. 

И додека граѓаните го чекаат епилогот какви мерки ќе има за време на претстојните празници, министерот за здравство очекува да има консезус во Собранието и пратениците да ги прифатат законските измени со кои се ограничуваат цените за лекување на ковид пациенти во приватни болници. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе побараат и дополнување на Законот за здравствена заштита во кој треба да бидат опфатени и пациентите кои поради пандемијата не можат да стигнат на ред за хируршки интервенции во државното здравство.Од СДСМ, пак, се надеваат сите парламентарци да го поддржат регулирањето на ценовникот. 

- Со дополнувањата на Законот за здравствена заштита, ќе предвидиме граѓаните со хронични и останати болести, кои повеќе од 60 дена се на листа на чекање за некоја операција или друга здравствена, дијагностичка и интервентна услуга во државното здравство, да можат да отидат во приватна болница, а услугата да ја платат по цена како во државното здравство – рече Ели Панова пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

-Покрај ова, со предложените законски измени е предвидено и користење на ресурсите на приватните болници доколку условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата во име на заштита на јавното здравје и се забранува преземање на здравствени работници од јавното здравство од страна на приватните здравствени компании.

Истовремено, предвидени се и измени во делот на глобите за прекршоци доколку приватните здравствени установи не постапуваат согласно законските одредби, изјави Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ.

Во моментот на сила се мерките кои стапија на сила на 6-ти април – полициски час од 20 часот до 5 часот наутро, времено клуч на врата на фитнес клубови и спортски сали и затворени угостителски објекти кои работат само со нарачки.