Македонија
27. October 2017 - 17:06

Нови 60 лица од Гостивар, со симптоми на дијареа и изнемоштеност, синоќа побарале лекарска помош

Непознат причинител ги труе жителите на Гостивар. За четири денови, медицинска помош во инфективното одделение побарале над 450 граѓани, во последново деноноќие тоа го сториле 100-тина. Сите се жалеле на често повраќање, дијареа, изнемоштеност и болки во телото. Овие симпотими ги имале сите кои побарале помош а нивната возраст е различна.. Најмладиот пациент имал само шест години. Надлежните од болницата во Гостивар велат дека сите примени пациенти се соодветно згрижени и по укажаната лекарска помош се препраќаат на домашно лекување. Ниту еден од пациентите нема влошување на здравствената состојба.
 
Според Директорот Сулејмани, причината за масовното труење не е храна. Се сомнева дека водата од градскиот водовод е жариштето на заразата. На ова посочуваат и жителите на Гостивар.
 
Сепак од Центарот за јавно здравје во Гостивар велат дека водата од градската мрежа не покажала отстапки во физичко-хемискиот состав и бактериолошките параметри.. Не ја исклучуваат можноста да се работи за вирусно заболување.
 
Причината за труењето на гостиварци сега го бара Институтот за јавно здравје. Во нивните лаборатории од денеска се прават детални анализи на мостри вода од Гостивар а резултатите се очекуваат дури во средината на идната недела.. До тогаш гостиварци се оставени сами да се заштитат од заразата во градот. Денеска ниту Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен инспекторат или агенцијата за храна не објавиа препораки за заштита од масовнот труење во Гостивар.