Македонија
26. March 2020 - 19:43

Нови 24 случаи на корона во земјава најмногу во Скопје 15, за прв пат и во Тетово

Нови 24 заразени со коронавирус се регистрирани последното деноноќие. Прв случај е потврден и во Тетово. Се работи за 69 годишен пациент, кој бил на лекување во неколку здравствени установи во Скопје, а  околу 2 недели престојувал и во Заводот за физикална медицина и рехабилитација во Козле. Министерот за здравство информираше дека пациентот е неподвижен, но имал посета. Допрва ќе се испитува како бил заразен, a се вршат проверки и на десетина членови на неговото семејство.

-Денеска интензивно работеше тим епидемиолози, тестирани се 14 здравствени работници и четири пациенти имајќи ги предвид контактите, рече д-р Венко Филипче, министер за здарвство.

И изминатите 24 часа најмногу заболени има во Скопје 15, во Куманово 4, Дебар 2 и Охрид и Штип по еден новозаболен. Меѓу новозаразените има уште еден случај поврзан со поранешната директорка на Кожната клиника.

Институтот за јавно здравје сеуште ја подготвува мапата во кои скопски општини има заболени, а кумановскиот општински штаб веќе неколку дена бара градот да биде ставен под целосен карантин поради ширење на коронавирусот, апелираат да се засили Центарот за јавно здравје со епидемиолози и други стручни лица.

-Денеска во болницата во Куманово престојуваше наш експерт, професор од Инфективната клиника во Скопје кој детално разговараше со лекарите од инфективното одделение и со менаџментот на болницата. Разговараше за начинот на третман и прием на пациентите, организација на работа, делот за изолација, имајќи во предвид дека тука веќе има дијагностицирани асимптоматски здравствени работници, и во текот на утрешниот ден целосно ќе биде завршена анализата и согласно тоа и стратегијата за лекување Куманово ќе биде еден од првите градови во кои ќе се зголеми бројот на тестирања по мобилен пат кои што ги најавив претходно и ќе почне на почеток на следната недела, додаде Филипче

Инаку со последните бројки во Македонија има вкупно 201 заразен со Ковид 19

- Скопје (123)
- Дебар (43) од кои 2 починати
- Куманово (15) од кои 1 починат
- Штип (8)
- Велес (3)
- Охрид (3)
- Кавадарци (2)
- Прилеп (2)
- Гостивар (1)
- Тетово (1)

Од друга страна уште двајца пациенти се излекувани на Клиниката за инфективни болести и пуштени се на домашно лекување. Досега има тројца оздравени, а 3 лица починаа од компликации од коронавирусот.

Според последната анализа на ИЈЗ 32 случаи се импортирани, односно увезени од други држави, а останатите се заразиле со меѓусебни контакти.

Министерот Филипче најави донација од 500.000 маски и 20.000 тестови кои треба да пристигнат наредната недела.

Од “Аџибадем Систина” соопштија дека и во нивната болница во специјален пункт ќе вршат тестирање за Ковид -19. На располагање имаат 15.000 тестови. Земањето брисеви ќе се врши само со претходно закажување,  а пациентите задолжително треба да носат маска.