Македонија
16. July 2021 - 16:35

Новата концепција стартува од септември, Законот за дигитални учебници по одморите ќе оди во собраниска процедура

Новата концепција стартува од први септември, учениците од прво и четврто ќе учат по новите образовни програми. Министерката Царовска вели дека подготовките се во финална фаза, а дигиталните учебници не треба да се мешаат со спроведување на дигиталната настава, бидејки станува збор за два различни поими.

Очекувам дека по третата обука на наставниците во август ќе бидеме целосно подготвени и сите предизвици ќе се решаваат во тек. Но, стартуваме поподготвени од која и да е друга наставна програма која се донела во нашата држава. Дигитализацијата во образованието е нужна и не е прашање дали нашата држава сака или не сака, туку мора да фатиме чекор со светот и глобалните процеси. Тоа го покажа и пандемијата – да сме почнале пред десетина години со дигитализацијата, веројатно немаше да имаме цело полугодие на приспособување на образовниот систем во првата година од пандемијата, туку ќе бевме спремни, рече Царовска.

Паралелно граѓаните можат да праќаат сугестии за предлог-законот за учебници кој пред две недели беше повлечен од собрание. Царовска очекува законот пред пратениците  повторно да се најде по завршување на летните одмори.

Сега е летен период и ги чекаме експертите. Тој беше достапен на ЕНЕР повеќе од два месеца и сите аргументи беа земени предвид во финалното решение. Сега повторно тој е отворен и граѓаните може да испраќаат коментари, а имаше и претходно мејл-адреса. Очекувам да направиме рунда на дебати од септември, кога сите ќе се вратат од летните одмори и потоа да одлучиме како ќе го пуштиме законот во Собрание, иако ставот на МОН и на Владата е дека не отстапуваме од процесот што е почнат, вели Мила Царовска.

Како ќе учат децата од септември се зависи од епидемиолошката слика. Ако ситуацијата со вирусот остане иста, сите ќе се вратат во училишните клупи.