Македонија
19. September 2019 - 16:29

Нова закана од Бугарија- ако нема договор за историјата за еден месец, нема безусловна поддршка за интеграциите

Доколку за еден месец нема договор меѓу историчарите, Бугарија треба да ја прекине безусловната поддршка за Македонија во евроинтеграциите. Заканата доаѓа од бугарскиот претседател Радев, нагласувајќи дека напредокот во работата на мешовитата Комисија е основа за исполнувањето на Договорот за добрососедство.

Радев ги седна на маса бугарските претставници од Комисијата за историски прашања, порачувајќи дека октомври ќе биде клучен месец, бидејќи тогаш ќе се решава за започнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Ако вие можете да дадете гаранција дека за еден месец Комисијата ќе ги реши сите спорни прашања, вклучително настани, личности, корекции на учебници, на натписи во музеи и на споменици, позиции во јавните медиуми, тогаш бугарската Влада може да продолжи со политиката на безусловна поддршка на членството на Северна Македонија во ЕУ.

Во спротивно, подвелкува Радев, Македонија треба да се соочи со нова бугарска позиција во однос на нејзините евроинтеграции.

Но, ако не може да се даде таква гаранција, Владата треба да преземе конкретни мерки и да заземе нова национална позиција со јасни критериуми за заштита на бугарскиот национален интерес, кои ќе ја засегаат и преговарачката рамка за Република Северна Македонија, како задолжителен услов за членство. И со тоа треба да биде запознаен и бугарскиот парламент.

Бугарија треба да ја поддржува Македонија, но не на сметка на нашата историја и идентитет, вели Радев. Тој е втор бугарски политичар по премиерот Борисов, кој поставува рок за постигнување на Договор во работатата на заедничката Комисија за историски прашања.

Од македонската страна - воздржаност. Велат дека нема да коментираат изјави на политичари и ќе им дадат шанса на разговорите кои запнаа за две прашања, средновековната историја и Гоце Делчев. Макеоднските историчари повеќе пати потенцираа дека не треба да се поставуваат рокови и дека политиката треба да се држи настрана од процесот.