Македонија
14. October 2020 - 16:45

Нова средба на историчарите од мешовитата комисија со Бугарија

Со внимателност и без голем оптимизам, членовите на бугарската Комисија тргнаа на пат кон Скопје. Отстапки или компромиси не се термини кои ги користи историјата и токму затоа не можат да бидат клучот за решение, вели членот на бугарскиот тим Кајчев.

Професорот на софискиот универзитет не исклучува и позитивен развој од средбата со македонските колеги на која ќе се бара решение за Гоце Делчев.

Но сигналите не се ветувачки, резервиран е Кајчев.

„Сите имаме очекувања. Јас лично сум прилично претпазлив во моите очекувања за 10-тата средба на мешовитата Комисија, поради искуството од последните три средби кои ги имавме во 2019 година, но и поради некои сигнали кои доаѓаат од медиумите во Скопје од нашите колеги, кои не влеваат надеж дека ќе постигнеме брзи решенија за отворените прашања.”

Коментирајќи го засилениот политички ангажман во решавањето на историските прашања, Кајчев вели дека не чуствуваат притисок од политичарите.

„Но сепак, нашата комисија е државен орган и е предвидена со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и нејзината работа зависи од динамиката на меѓусебните односи.”

Ова ќе биде 10-та средба на мешовитата комисија, а на последните три не беше постигнат напредок. Од македонскиот тим со став дека нема да даваат изјави пред средбата со совите колеги.

„По една година застој, македонските и бугарските историчари повторно ќе седнат на иста маса. Ова ќе биде четврт обид да се постигне решение за тоа чиј е револуционерот Делчев.”

За период од две години Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил, а усвоени се препораки за учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и петто во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период.