Македонија
30. October 2016 - 14:34

Нова опрема на Клиниката за окологија

Нов ЦТ - симулатор е пуштен во употреба денеска на Клиниката за онкологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Со него, како што рече министерот за здравство Никола Тодоров кој по тој повод ја посети Клиниката, ќе се овозможи сериозно подигнување на квалитетот на терапијата на болните од малигни заболувања.

Станува збор за софистицирана најсовремена опрема со која ќе биде заменет постоечкиот стар симулатор кој беше во функција повеќе од 14-тина години. Новиот симулатор е осум пати попрецизен и полесен за користење од страна на лекарите.

- Станува збор за набавка од 37,2 милиона денари со што во функција е ставен нов и насјовремен ЦТ-симулатор во државата, нешто без што е незамислива работата на оваа клиника бидејќи секој пациент пред да почне со зрачна терапија треба да помине на ваков ЦТ-симулатор. Новиот симулатор ќе функционира со 10-15 пациенти дневно што е сосема доволно да ги покрие комплетно сите потреби во државата, рече министерот Тодоров.

Директорот на Клиниката за онкологија Милан Ристовски потенцира дека машината има многу подобра резолуција и е многу понова генерација, а работи со 16 пати поголема брзина. На неа е приклучен контрастен жектор кој ќе овозможи да бидат направени сите контрастни методи кои даваат многу попрецизна слика за крвното снабдување на целатата регија што треба да се опфати во зрачниот план. Сликата е со многу подобри перформанси, густината автоматски подобро се отчитува..

- Зрачењето не е процес кој е аналоген на сликање за лична карта и пасош. Мораме точно да знаеме што зрачиме, што треба да заштитиме и сето тоа на крај на комјутер во еден хистограм да покажеме дека туморот или седиштето на туморот точно ја прима дозата што сме ја препишале, околните ткива се максимално заштитети до одредена доза. Ако со претходниот апарат максималната густина на слајдови беше на пет милиметри, овој ни овозможува густина на слајдови на 0,5 милиметри, со што можеме да правиме и симулации на многу зрачни техники, вклучително и радиохирургија што е нашата крајна цел во наредниот период. Со тоа ќе ги имаме вкупно сите зрачни техники што постојат во светот, нагласи Ристовски.

Стариот ЦТ - симулатор кој е се уште во функција се планира да биде дислоциран и поставен во Битола како надополнување на новиот акцелератор кој е веќе набавен и треба да биде поставен. Со тоа, како што информира министерот Тодоров, ќе им се поногне на пацинетите од тој дел на државата да не патуваат во Скопје.