Македонија
23. February 2020 - 16:45

Нова ,,бомба‘‘ од Милошоски за Заев - Заев тврди дека таа покажува зошто е важен законот за ЈО

Со нови прислушувани разговори ВМРО-ДПМНЕ го обвини екс премиерот Заев дека се мешал во работата и на Врховниот суд и на обвинителството. Од опозициската партија велат дека аудио снимките кои денеска ги објавија и на кои може да се слушне гласот на лидерот на СДСМ докажуваат дека Заев во исто време бил и премиер и судија и обвинител. Според опозицијата, снимките покажуваат дека Заев договарал одлуки со Врховниот суд и бил во тесна и блиска соработка со Катица Јанева

„Што е важно? Катица тоа го знае, знае од целиот почеток,.., значи ја со Јово Вангеловски, беше еден од трите судии во врховен суд, имаше и други тројца од Апелационен суд, што требаше да паднат заради бегството на Сеат Кочан и заради бегството на овој (Груевски); и Јово беше вратен, сум се смирил и сум се договорил со Јово. Точно е ние бевме блиски, тераме блиски, јас сум таков човек, прво не верувам секојпат дека не треба, секојпат сум верувал

Ова е политичка битка помеѓу ВМРО и СДС и тука треба да застане, заради тоа се разговорите, они поминаа границите. Знаејќи го Катица целото тоа што се случува, она и така се однесува, знае дека ќе паднат предметите. Знае, дека и да не сака, она помага, значи готово, нема, влезена е во тој процес сега. – се слушаше во разговорите кои ги објави Милошоски

Заев во интервју за порталот Press24 призна дека гласот што се слуша на снимките е неговиот. Вели дека тие најверојатно се направени во време на преговорите за Законот за јавното обвинителство со осумтемина пратеници кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, токму снимките кои денеска ги објави Милошоски покажувале зошто беше важно да се донесе Законот за јавното обвинителство

„Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство - покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд. Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката што тогаш ја донесоа согласно законот за СЈО каде што е предвидено дека до 30.06.2017 неовластени разговори се докази, а после може да бидат само индиции. Се друго што се слуша во објавеното неовластеното снимање од Милошоски е само аргумент плус преку убедување на соговорниците и потврда, зошто треба да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство. 

ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеа дека предметите на СЈО беа под закана - Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен. “ – вели Заев за Press24
Лидерот на СДСМ вели дека е добро граѓаните да слушнат како се ставани и вадени тонски парчиња во како што вели обидот на опозицијата да направи конструкција.
Ова е втор пат пратеникот Милошоски да објавува прислушувани разговори на екс премиерот Заев. Пред распуштањето на Собранието Милошоски од Законодавниот дом пушти разговор кој според него покажува дека Заев знаел како се финансира телевизијата на Боки 13 по што прислушуваните материјали и ги достави на Рускоска.