Македонија
8. July 2015 - 16:01

Нов систем за наплата во градскиот превоз во Скопје

По едно евро за секој изминат километар ќе добиваaт превозниците од јавниот градски превоз од 1 јануари следната година. Од тогаш ќе почне да се применуваат и новите системи за наплата со електронски билети и автоматско следење на возилата, како и единствена цена кај сите превозници. 

Скопските советници на денешната седница ги поддржаа Предлог-одлуката за линиски превоз на патници во Град Скопје и Предлог-одлуката за утврдување на привремена вредност на надоместок за извршени услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот - изминат километар.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски информира дека сето ова ќе го овозможи новиот систем, вреден три милиони евра. Системот е платен од Град Скопје, а ќе го имплементира ЈСП „Скопје“. 

Според него, на овој начин ќе се реши до крај недефинираната состојба со приватните превозници во Скопје. 

- Ќе се знае точно како се движат автобусите, кога тргнуваат и каде застануваат. Тоа ќе биде софтверски дигитално решено и ќе се прави преку два контролни центри, едниот во ЈСП „Скопје, а другиот во Центарот за контрола на сообраќај, рече Трајановски. 

Тој нагласи дека на овој начин ќе се добие квалилет во услугата која ја овозможува ЈСП „Скопје“ и приватните превозници. 

- Сакаме што повеќе граѓани да се возат со автобуси и на тој начин ќе се намали метежот во сообраќајот во Скопје, рече Трајановски и додаде дека ќе се воведат и смарт-тикети, или плаќање преку картички и мобилни телефони. Така, како што рече, ќе се знае точно колку патници се качиле во автобусите. 

Советникот Драги Давчевски од СДСМ информира дека ќе гласаат воздржано зошто како што рече, многу работи се нејасни и тешко ќе бидат спроведени. 

- Со ваква одлука, ние јавниот градски превоз го ставаме во една лушпа, а во наредните пет години ќе немаме шанса да го модернизираме сообраќајот, рече Давчевски. 

Според него, им се дава шанса само на оние кои во моментов се учесници во сообраќајот. Праша каде е транспарентноста и можноста за нови заинтересирани субјекти да се пријават во овој бизнис. 

Орана Идриз информира дека ДПА ќе ги подржи овие предлог-одлуки бидејќи се однесуваат на модернизација и за подобрување на условите за живот на сите граѓани. 

Парите од наплатата на превозот со умните билети ќе ги собира Град Скопје, а потоа сите превозници ќе добиваат надомест од едно евро за изминат километар. За секое возило ќе се знае точно колку минало благодарение на системот за автоматска локација. Ќе биде утврден единствен систем на линии во градскиот и во приградскиот превоз и единствен возен ред. Главен носител на јавниот превоз е ЈСП „Скопје“, а може да учествуваат и други превозници кои исполнуваат точно утврдени услови и кои ќе склучат договор со Град Скопје за одржување на одредена линија. Ќе има нов оглас за распределба на линии.

Се предлага цената на билетот и видовите на билети да бидат единствени кај сите превозници. Во функција ќе биде зонски тарифен систем. Ќе има можност за преседнување од еден автобус во друг, зонски, дневен, неделен и викенд-билет. Ќе има обична електронска картичка што граѓаните ќе може да ја користат и во приватните и во автобусите на ЈСП „Скопје“ и ќе може да ја надополнуваат и персонализиран билет, со фотографија и име и презиме на корисникот. 

Компанијата „Т-мобиле“ беше избрана од ЈСП „Скопје“ на оглас за воспоставување на новите два система, кои чинат три милиони евра.