Македонија
5. October 2016 - 15:13

Нов кабинет за страбизам на поликлиника Букурешт

По повеќе од десет години во Здравствен дом Скопје во Поликлиника Букурешт се отвора нов кабинет за страбизам, во делот на офталмологијата, изјави денеска Министерот за здравство Никола Тодоров.

- Во Скопје нема друг ваков кабинет на секундарно ниво. Тоа е нешто што недостигаше и во Здравствен дом Скопје, па сите пациенти за оваа дијагностичка процедура се упатувани на терцијарно ниво, односно на клиника, рече Тодоров.

Посочи дека годишно има над 1.700 пациенти кои што се упатувани на клиника, од кои најмалку 300 се упатувани од Здравствен дом Скопје, а со отворањето на овој кабинет сите тие пациенти услугата ќе можат да ја добијат во Поликлиника Букурешт.

- Со отворањето на овој кабинет, иако ќе биде единствен на секундарно ниво во Скопје ќе можат да се апсорбираат преку 80 отсто од вкупниот број пациенти кои сега одат на клиника. Ако имаме 30 термини неделно, што веќе се ставени во „Мој термин“, тоа значи во период од една година ќе можат да се дадат здравствени услуги на преку 1.500 пациенти. На тој начин ќе се овозможи докторите специјалисти на клиника да се занимаваат со многу потешки случаи, што продуктивно ќе влијае на целиот здравствен систем, рече Тодоров.

Посочи дека докторката што ќе работи во Кабинетот за страбизам била на едномесечна едукација во Словенија, а сестрата во Нови Сад.

- Докторката е преземена од приватно во јавно здравство. Ова е 24 специјалистички кабинет што се отвора во Здравствен дом Скопје, со што се овозможува се повеќе специјалистички услуги на секундарно ниво и на тој начин да се намали упатувањето на терцијарно ниво, изјави Тодоров.  

Истакна дека ако минатата година во првите шест месеци 30.700 пациенти биле упатени од секундарно на терцијарно ниво, годинава тој број е 14.500, што значи дека за повеќе од двојно е намален бројот на пациенти кои дошле во Здравствен дом Скопје, побарале здравствена услуга и биле потоа препратени на терцијарно ниво.

- Бројот на услуги што ги дава Здравствен дом Скопје од година во година се повеќе расте. Ако во 2011 година имало 388 илјади услуги, годинава таа бројка ќе биде околу 500 илјади, што значи дека граѓаните се повеќе му веруваат на јавното здравство и се повеќе услуги бараат и добиваат во јавното здравство, рече Тодоров.

Системот „Мој термин“, продолжи тој, овозможи пациентот да си закаже термин, да дојде во тој термин и да ја добие услугата без повеќе чекања и турканици.

Директорката на Здравствен дом Скопје Татијана Баевска Вучковиќ рече дека кабинетот за страбизам е многу важен бидејќи со редовните и задолжителни систематски прегледи што се вршат кај децата за раст и развој со новонабавениот апарат синоптофор истовремено ќе може да се врши и дијагностика и терапевтски третман.

- За страбизмот е важно колку порано се дијагностицира и се почне со соодветен третман, може да даде одлични резултати. Постојат повеќе причини за појава на страбизам, меѓутоа најважно е раното дијагностицирање и најчесто родителите, децата ги носат по втората до шестата година. Затоа е важно што оваа услуга сега ќе ја добиваат на задолжителните систематски прегледи, рече Баевска Вучковиќ.