Свет
16. February 2017 - 8:45

Номинираниот кандидат за американски секретар за труд Пуздер се повлече

Номинираниот кандидат за нов државен секретар за труд на САД, Ендрју Пуздер се повлече од натамошната постапка за потврда на неговата номинација, откако повеќемина републикански сенатори се заканија дека ќе гласаат против неговото поставување.

Одлуката на претседателот Доналд Трамп да го постави милијардерот Пуздер, сопственик на два синџира за брза исхрана се оддолжи, зашто неговиот случај од почетокот беше означуван како контроверзен и како судир на интереси.

Демократските сенатори сметаа дека нема оправдување, човекот што ги поседува рестораните за бургери и брза исхрана - „Карлс Џуниор“ и „Харди“ низ САД да го предводи министерството кое треба да се грижи за обезбедувањето подобри законски права за работниците и другите вработени.

Против неговото поставување беа и американските синдикални организации, но Пуздер мораше да се повлече кога тој призна дека имал вработено во своето домаќинство, илегален имигрант.

Милијардерот што не успеа да обезбеди министерска позиција во администрацијата на новиот претседател, во медиумите беше осудуван и за неговите коментари на сметка на жените и вработените во неговите ресторани.

Работничките во рестораните што ги поседува, тврдеа во медиумите дека биле жртви на сексуално насилство на работното место, како и дека нивниот газда- милијардер им ги „поткрадувал платите“.

Новинарите открија за случајот со неговата поранешна сопруга, од деведестите години на минатиот век, која пред разводот го обининувала дека била „жртва на домашно насилство“.

Ова е првпат во досегашната постапка за потврдување на номинираните членови за новата американска администрација, еден кандидат на претседателот Трамп, да не успее да ја добие поддршката во Сенатот.

Повлекувањето на Ендрју Пуздер доаѓа само 48 часови по оставката на советникот за национална безбедност Мајк Флин, откако поминаа три недели од потврдата на неговиот избор во Сенатот на САД.